Охрид, 9-14 мај 2016 – „Здружението Во твоја слава“ од Охрид во рамки на своите активности за грижа и помош на лица од ранливите категории и социјално загрозени семејства, обезбеди средства за материјална помош за 40 граѓани на Охрид и околината.
Станува збор за вредносни бонови што примателите на помошта зависно своите потреби и приоритети ќе ги реализираат во период од 09.05.2016 до 14.05.2016 во централната продавница на „Стоп-Шоп“ што се наоѓа во непосредна близина на Музичкото училиште „Методи Патче“.
Средствата за оваа активност се обезбедени по пат на донации на членството на Здружението, а во акцијата свој придонес даде и фирмата „Карат“ односно синџирот маркети „Стоп-Шоп“ со дополнителна помош.
Изборот на лицата на кои им се доделени вредносните ваучери Здружението „Во твоја слава“ го направи во координација со Јавната установа „Меѓуопштински центар за социјална работа“, со цел помошта да ја добијат оние семејства на кои им е најпотребна.
„Здружението Во твоја слава“ формирано Ноември 2014 година како дел од својата програма предвидува активности насочени кон промоција на хуманоста и во рамки на можностите да помага на граѓаните од регионот и пошироко.
Интенција на активистите од „Во твоја слава“ е оваа акција да се реализира секоја година, а слични проекти со хуманитарна назнака да се реализираат и во иднина во најразлични форми.
За време на подготовките на активностите за донацијата беше потпишан МЕМОРАНДУМ од страна на „Здружението Во твоја слава“ и Јавната установа „Меѓуопштински центар за социјална работа“. При тоа беше потврдена заедничката цел да се промовира човечноста и несебично да се помага на граѓаните на Охрид и околината.